Филип Мерковски – Доктор по ветеринарна медицина

Завршив средно медицинско училиште со одличен успех. Во септември 2012 се запишав на Ветеринарниот факултет во Битола, а дипломирав во март 2019. Веќе во април истата година, започнав да стажирам во ветеринарната амбуланта „Алекси Вет“ во с.Бистрица, каде што моментално работам како лиценциран доктор по ветеринарна медицина. Во текот на студиите, покрај резидентните професори, предавањата ги збогатија и визитинг професори преку кои осознавме теренски и клинички искуства од друга земја. Од практичниот дел ги издвојувам искуствата од говедарската фарма во Радобор, рибникот во с. Вруток, Гостивар, живинарската фарма „Везе Шари“ во Тетово, како и во ветеринарната амбуланта „Дамески Ветерина“ во Прилеп. Во зимскиот семестар од академската 2015/2016 година, ја искористив можноста која ја нудеше Еразмус + програмата за студентска размена и истиот го поминав на Ветеринарниот факултет при Тракискиот Универзитет во Стара загора, Р. Бугарија. Теоретската настава, за мене како странец, беше потешка за следење поради јазичната бариера, но навистина ги оправда сите мои напори и ги надмина моите очекувања. Професорите многу вешто ни го пренесуваа сето свое искуство. Истовремено посетував и практична настава, која покрај стандардните вежби, имаше и цел ден посветен на теренска настава – нешто што се викаше „Подвижна клиника“. Вежбите опфаќаа клинички преглед на животни, земањето крв, хируршки интервенции, кастрација, ректален преглед, вештачко осеменување. Морам да напоменам дека групите на вежби се составени од по десетина студенти, така да не секогаш студентите доаѓаат до шанса практично да ги применат сите методи. Во летото 2018 година, реализирав додипломско стажирање на истото место, но овојпат праксата ми беше сконцентрирана во клиниката за мали животни, каде што ги проширив познавањата од радиографијата и ултрасонографијата. Среќен сум што ја имав можноста секојдневно да присуствувам на најразлични хируршки зафати (дентални, абдоминални, ортопедски, офталмолошки) и постоперативно да се грижам за пациентите. Еден ден во неделата, практичната настава беше изведувана на терен. Благодарение на ова искуство, се стекнав со солидни познавања од областа на гинекологијата, репродукцијата и артефициелната инсеминација, но и поблиску ја запознав патологијата на различни органи и органски системи. Доктор по ветеринарна медицина е професија која воопшто не е лесна, но е многу благородна. Бара да се вложите себеси и сета своја љубов и невербално да протолкувате што сака да ви каже едно болно животно. Но сатисфакцијата која ја чувствуваш после секој спасен живот е бесценета. Да се биде доктор по ветеринарна медицина не е само гордост, туку и одговорност. Покрај што се грижи за здравјето на домашните миленици и фармските животни, докторот по ветеринарна медицина дава значаен придонес и во безбедноста на храната од животинско потекло но и активно учествува во спречување на зоонотските заболувања, а со тоа и во зачувувањето на  јавното здравје.