Еразмона Манговска – Доктор по ветеринарна медицина

Од секогаш сум знаела дека ќе работам нешто поврзано со медицината. После завршувањето на средно медицинско училиште во Струга, се двоумев помеѓу ветеринарна или хумана медицина. Мојот избор беше ветеринарна медицина. Бев студент на првата генерација на Ветеринарен факултет – Битола во академска 2009/10 година. Во текот на студиите имавме одлична комуникација со наставниот кадар, секогаш достапни за консултации и изнаоѓање на решенија за понатамошна соработка. Предавањата секогаш беа во договор со студентите, а за практичната настава бевме поделени во неколку групи со цел подобра разлизација на истата. Во насока на поуспешно и поквалитено едуцирање, дел од наставата беше изведувана од реномирани визитинг професори со долгогодишно искуство како од земјава, така и од странство. Како студент од првата генерација на факултетот учествував на семинар во Нови Сад –  Р. Србија со научен труд кој подоцна беше објавен во научно списание. Нешто подоцна низ текот на студиите, формиравме тим од колеги и се пријавивме за натпревар за најдобра бизнис идеја на универзитетско ниво  …..  освоивме прво место ! Тоа беше нашиот прв успех, а воедно и на нашиот факултет. Во текот на четвртата студиска година, заедно со тим од 10 студенти од нашиот факултет учествувавме во проект со наслов: Како да го заштитиме биодиверзитетот во Пелагонискиот регион од Битола до Лерин. Севкупно проектот траеше 14 дена. Една недела во Битола со посета на нашата лабораторија со која располагаме како и работилница,  и една недела во Лерин со посета на нивниот факултет. Прекрасно дружење и искуство.

Денес сум вработена како доктор по ветеринарна медицина во ветеринарна амбуланта во Охрид. Веднаш после завршувањето на стажирањето во времетраење од 6 месечен период се вработив во ветеринарна амбуланта за домашни миленици.

Моето работно искуство е веќе 4 години. Не сум барала друга работа бидејќи во оваа се пронајдов себеси. Ги сакам животните и се грижам за нивната благосостојба. Образовниот профил на Ветеринарниот факултет нуди многу можности за вработување: започнување на сопствен бизнис како ветеринарна амбуланта каде учествувате во превенција и лекување на домашни миленици, работа во царинска управа, месна и млечна индустрија, работа во Агенција за храна и ветеринарство, средно и високо образование како и можност за доквалификации. Некои знаат знаат да кажат дека е машка професија, но во 21 век тие предрасуди се надминати. Бидете свои и одлучувајте за себе. Уживајте во работата што ја сакате, таа е храна за мозокот и душата. И, на крајот на денот , нема поубаво од чувството дека сте спасиле живот. Тоа е најголемата потврда за целиот вложен труд, пожртвуваност и дисциплина !!!