Цветанка Стојановска – Доктор по ветеринарна медицина

Цветанка Стојановска – Доктор по ветеринарна медицина

Своето средно образование го завршив во гимназијата Јосип Броз – Тито, Битола со одличен успех. Во септември 2011 год, се запишав на Ветеринарниот факултет во Битола, а во декември 2016 год. дипломирав како првенец на генерација со просек 9,62, за што исто така бев наградена од страна на Универзитетот Св. “Климент Охридски”, Битола.Моментално сум стручен соработник со ветеринарната амбуланта Д-р Стојаноски, Битола.

Љубовта кон животните кај мене се роди уште од мали нозе, а тоа е благодарение на постојаниот контакт со нив. Отсекогаш ми било важно животните да се здрави и среќни, да се чуствуваат убаво и да живеат во благосостојба. Тоа беше пресудно, а и главен мотив да го одберам токму овој факултет.

Ветеринарниот факултет ми беше голем предизвик кој го совладав со многу љубов, посветеност и истрајност. Ветеринарната професија е специфична и бара многу посветеност и работа, а најважно пред се е љубовта кон животните, желбата да им се помогне и во секоја ситуација најголемо задоволство е среќниот поглед на животното кое е здраво и среќно.

Студиите опфаќаат времетраење од 5 години (10 семестри), период во кој се стекнав со обемни познавања од полето на ветеринарната медицина, како теоретски, така и практични. На тој начин добив една солидна основа за моето понатамошно усовршување и надградба како доктор по ветеринарна медицина.

Периодот на студии на Ветеринарниот факултет во Битола претставува еден од најубавите периоди во мојот живот. За време на образовниот процес стекнавме големи знаења и искуства. Професорите и асистентите секогаш ни излегуваа во пресрет со своите знаења насока на стекнувања на познавања од ветеринарната медицина. Тие имаат голема улога во образовниот процес за стекнување на квалитетни вештини и познавања. Секогаш изнаоѓаа адекватен начин да го пренесат образовниот материјал на нас студентите и секогаш се однесуваа коректно и пријателски кон нас, излегувајќи ни во пресрет за решавање на секој проблем. Вежбите за секој предмет се одвиваа во помали групи во кои секој студент можеше да види и научи доволно и да стекне големо практично знаење. За време на студиите имавме чест да ни предаваат угледни професори како од нашата држава така и од странство. Во нашата генерација имавме визитинг професори од Р. Бугарија од Ветеринариниот факултет во Стара Загора кои ни овозможија да стекниме големи знаења од областа на хирургијата и радиологијата и кои ги споделија своите искуства и знаење со нас студентите.

Благодарение на многубројните договори кои Ветеринарниот факултет Битола ги има склучено со фарми, привати амбуланти, кланици и малостопанственици, кои несебично ни ги отвараа вратите за изведување на практична настава, се стекнав со солидни стручни познавања. За време на студиите имавме можност за изведување на практична настава и вежби на фарми за крави во с. Породин и с. Радобор, Битола, исто така практичната настава се одвиваше и по ветеринарни амбуланти во кои стекнавмесолидни практични познавања за мали животни. Од ветеринарните амбуланти ја посетувавме и изведуваме практични вежби за мали животни ветеринарната амбуланта “Дамески” во Прилеп. Исто така имавме можност да ја посетиме и кланицата за свињи во с. Вруток, Гостивар и живинарската фарма Везе Шари во Тетово, при што бевме запознаени со нивниот начин на работа и со сите нивни капацитети. Посетивме и доста лаборатории во кои бевме запознаени со нивното работење. Ја посетивме лабораторијата на јавното претпријатие “Стрежевo“, Битола, која се занимава со испитување на водите на вештачкото езеро во с. Стрежево и нивниот рибник. Од млекарите бевме во посета на млекарата “Идеал Шипка” во Битола, каде што бевме запознаени со начинот на работа и производството на млеко и млечни производи, исто така ја посетивме и нивната лабораторија во која се испитува млеко. За време на студиите имавме можност да стекниме и солидни познавања од дејноста на рибарството и да посетиме рибници, од кои голем впечаток ми остави рибникот во с. Вруток, Гостивар.

Исто така за време на моето студирање бев вклучена во научно-истражувачка работа од што произлегоа и неколку научни трудови публицирани во меѓународни научни спијанијакако Интернационална конференција на млади научници, Пловдив, Р. Бугарија, со труд на тема: Diabetes mellitus кај женка 8 годишен ротвајлер и VII студенстка смотра на научно – истражувачки трудови на факултет за Земјоделски науки и храна – Скопје. Имам учествувано и на повеќе семинари и обуки како ,,Претприемнички викенд“ на Универзитетот ,,Св. Климент Охрдиски” во Битола.

Ветеринарна професија не опфаќа само една проблематика туку претставува комплетен склоп од повеќе дејности како што се дијагноза и лекување на болести, контрола на квалитет на храна, превентива на заразни болести и зоонози.

Да се биде Доктор по Ветеринарна медицина значи да се биде истраен во поставувањето на дијагнозите и лекувањето на животните, затоа што нашите пациенти не си ги кажуваат своите проблеми и симптоми Секое животно без разлика на видот има свој карактер и навики исто како и луѓето, тоа секогаш знае да ја почуствува љубовта и посветеноста која ја бара од луѓето и да ја искаже неизмерната благодарност кога му се помага, затоа што и тие како нас се суштества со исти чувства.