Мартин Матевски, студент во петта година на Ветеринарен факултет – Битола

Мартин Матевски, студент во петта година на Ветеринарен факултет – Битола

Jас сум Мартин Матевски, студент во петта година на студирање и претседател на Факултетското Студентско Собрание на Ветеринарен Факултет при Универзитетот „Св.Климент Охридски“- Битола.

Своето средно образование го завршив во Прилеп на струка која што воопшто не е сродна ниту поврзана со медицина, меѓутоа секојдневната опкруженоста со животните и љубовта кон нив беше пресудна мојот избор за понатамошно образование да биде насочена кон грижа за здравјето на животните. На крстопатот наречен избор на факултет, и после долго размислување се одлучив мојот избор да биде Ветеринарниот Факултет во Битола. Разгледувајќи ја програмата и начинот на студирање заклучив дека наставата која што се нуди на овој факултет е во тек со модерните текови на ветерината медицина и ќе може да ми овозможи да ги стекнам потребните знаења од областа на ветерината.

Како студент во петта година, гледано од денешна перспектива можам да кажам дека факултетот целосно ги исполни моите очекувања. Имено, на факултет работат професори и асистенти кои се целосно посветени во пренесувањето на нивните знаења и вештини и вложуваат максимален напор во пренесување на тоа знаење на сите студенти. Исто така тие се секогаш отворени за консултација и соработка како дополнителна поддршка и насочување на студентите, впрочем она што на секој студент му е најпотребно во текот на студиите. Како надополнување на пренесените знаења од нашите професори, често нашите предавања беа дополнети со посети на професори од странски ветеринарни факултети кои своето искуство и знаења не себично го споделуваа со нас. Во текот на моето студирање теоретскиот дел  беше постојано надополнуван со практична настава преку посети на ветеринарни амбуланти, клиники и лабаратории за стекнувања на основните практични знаења од ветеринарната медицина. Покрај ова ние се здобивме и со знаења поврзани со начинот и процесот на современата преработка на добивање на месо, млеко и млечни производи преку посети на млекари и кланици кои работат согласно светските современи текови за преработка и добивање на основните прехрамбени производи од животинско потекло. Преку овие теоретски и практични наставни единици во текот на студирањето заклучив дека факултетот навистина овозможува да бидеме подготвени да ги извршуваме нашите идни професионални задачи на високо ниво, но и нуди можност за наше идно дополнително усовршување и обучување.

Воден од мојата желба за примена на веќе стекнатите теоретски и практични знаења преку студиите, но и дополнително усовршување на вештините поврзани со здравјето на животните и грижата околу нив, моето слободно време го вложувам во посета на амбуланти кои работат со домашни миленици и теренска работа која опфаќа  фармски животни.

За мене да се биде доктор по ветеринарна медицина, значи да умееш да ги разбереш и да им помогнеш и на оние кои не умеат да говорат-животните. И да не заборавиме дека хуманата медицина го лечи човекот, но ветеринрната медицина го лечи човештвото.