Ангелина Огненовска, Доктор по ветеринарна медицина

Ангелина Огненовска, Доктор по ветеринарна медицина

Ангелина Огненовска – Доктор по ветеринарна медицина

Средното образование го завршив во ОСМУ “Д-р. Јован Калаузи” – Битола, насока фармацевтско-лабораториски техничар. Љубовта кон животните во паралела со љубовта кон медицината генерално беше основен мотив да започнам со студии на Ветеринарен факултет – Битола во 2014 год. и во рекордно време од 5 години да се стекнам со титулата Доктор по ветеринарна медицина, што претставува голем предизвик за понатамошно усовршување. Ветеринарната медицина сугерира комплексност и специфичност, а воедно и една од најблагородните професии.

Во периодот на студирање теоретската настава беше редовна и квалитетна, како од професорите, асистентите и визитинг професори, кои несебично се стремат да го пренесат нивното знаење и искуство, со што, нивниот пристап овозможи соодветна едукација на секој студент.

Доста влијателен чекор во текот на студирањето претавува практичната настава, која беше  последователна на секој стручен предмет што овозможи индувидуален пристап на секој студент во следење на превенција, контрола, дијагноза и третман на болести, пореметувања и повреди кај животните.

За време на студирањето и стажирањето се здобив со разни искуства во многу ветеринарни амбуланти како Дамески ветерина, Др. Стојаноски, Др. Чупона, Анима Вет, Ветеринарна амбуланта Филипов и др. Моментално професионалниот ангажман го усовршувам во Ветеринарна амбуланта Филипов.  Мојот следен чекор е специјализација и надоградба и имплементација на знаењата и искуствата стекнати на Ветеринарен факултет Битола.

Можеби не сме земја во која Ветеринарната медицина е напредна, но со квалитетни кадри и голема желба, визијата станува мисија. Мојата препорака до идните студенти, а воедно и идни доктори, би била: огромна посветеност, истрајност, храброст, мотивација и константна инспирација. За крај, ветеринарната медицина е уметност, “Ars longa, vita brevis.“