КОН ЕДЕН ПОИНАКОВ 25 АПРИЛ

На 25 април 2020 година Универзитетот „Св. Климент Охрдски“ – Битола, нашиот УКЛО,  одбележува 41 година од своето основање.

И за првпат во своето постоење, Универзитетот, оваа своја годишнина ја дочекува во една ситуација без преседан, со затворени врати, празни аули, амфитеатри, предавални…

И за првпат е принуден да се прилагоди кон новонастанатата ситуација предизвикана од пандемијата со вирусот Covid-19 којашто радикално ги преобрази начините на нашето функционирање, работење, настава, учење.

Образованието е бит на секоја земја, секоја нација и тоа е и единственото оружје за соочување  со проблемите и тешкотиите. Овој глобален проблем има амбивалентно дејство врз образованието: истовремено го сруши традиционалниот систем на образование, но и покажа дека никогаш повеќе образованието нема да биде ограничувано со „физички“ зидови.

Соочен со овој предизвик, а особено со комплексноста на проблемите и прашањата кои имаат непосредно влијание врз функционирањето, УКЛО  се организира на најдобар можен начин за да може во континуитет да ја реализира својата есенцијална мисија, а особено да обезбедува квалитетна едукација.

Користејќи ги бенефитите на современата технологија, моќните платформи на  опцијата електронско учење  и,  во соработка со единиците во својот состав,   но и со проактивно вклучување  на целокупниот наставно-научен кадар, а секако и со активна импликација на студентите, демонстрирајќи притоа слух за нивните  иницијативи, УКЛО презеде сет од  активности во рамките на своите компетенции со цел  да бидат понудени одржливи и квалитетни решенија.

Што е само уште една потврда дека Универзитетот перманентно го гради и надоградува својот профил на најзначајна академска установа во Регионот. Современ, флексибилен, мобилен и проактивен универзитет што нуди квалитетно високо образование втемелено врз современи наставно-научни достигнувања и методологии за пренос на знаења и апликативни компетенции на студентите. Во праксата тоа значи посветеност и вложувањe во реализацијата на образовната и научна мисија, но и во квалитетот, автономијата, академската слобода и отвореност кон општествената заедница, кон Регионот, Европа и светот. Тоа значи и потпирање, одговорност и доследно следење на четиридецениската  традиција во којашто се вградуваат искуството, трудот, енергијата и ентузијазмот на претходни, сегашни и идни генерации.

Поаѓајќи од темелните поставки на својата авономија, паралелно следејќи ги современите текови, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола со својата лидерска регионална позиција најодговорно го реализира сопственото функционирање во сите сегменти, со посебен фокус кон ефикасното раководење, координирање, обезбедувањето квалитет, унапредувањето на административните сервиси и информациските и комуникациски технологии, кои им се на располагање на сите факултети.  Притоа настојува да  ги одржи и зајакне науката, истражувањето, но и трансферот на знаење и технологии кон опкружувањето, пошироката општествена заедница.

Со своите 12 членки УКЛО претставува интелектуална база за развој и воспоставување партнерски односи со значајни стопански субјекти и локални самоуправи во Регионот на своето делување. Секако, тука е и мошне значајната компонента како што е меѓународната соработка – со одржувње на  постоечката и градење нови мостови на соработка со универзитетите, се јакне мрежата чијашто примарна цел е да се овозможи мобилност на студентите и кадрите, но и трансфер на знаења, вештини и современи технологии.

Функционирајќи и во вакви, вонредни околности, сепак сме горди што оваа година ја одбележуваме 41-годишнината од основањето, што само по себе не е мала бројка и секако е голем успех, посебно во нашето турбулентно опкружување во коешто негувајќи ја традицијата, но со свртеност кон  современите текови – трендови и тенденции, успеваме да овозможиме континуитет во нашето делување.

 

До сите студенти, до сите наставно-научни кадри, до сите вработени на Универзитетот

 

Во суштината на секоја успешност значајно место припаѓа и на феноменот на припадност. Да се припаѓа на еден Универзитет, на еден специфичен академски систем на вредности, тоа значи да се споделуваат сите аспекти на   значењето, рејтингот, позиционираноста, влијанието и угледот.

Таа филозофија е вткаена во мисијата на секој успешен универзитет што сесрдно се труди на своите студенти пред сė да им го развие  тоа чувство што се темели на реалните достигнувања и угледот на сопствениот универзитет.

И, во контекстот на таа припадност посакуваме да се гордеете со нас како што ние се гордееме со вас, да ги зацврстуваме традицијата и вредностите на нашиот Универзитет затоа што во професионалната кариера на сите нас – академски и други кадри, но и бројни генерации на студенти,  тоа е и ќе остане нераскинлив дел од нашите животи.

СО БЛАГОДАРНОСТ  за поддршката, приврзаноста и енергијата со  која заедно во овој специфичен момент од нашето постоење  ги пребродуваме тешкотиите,  ги совладуваме препреките, ги надминуваме проблемите…

СО НАДЕЖ дека ќе ги споделуваме и победите, успесите, постигнатите резултати  и на тој начин ќе ги потврдуваме високите вредности на знаењето и вештините што ни ги пружа н Универзитетот….

СО ВЕРБА  да  продолжиме по патот во којшто најдобриот дел од себе го вградувале најдобрите. Овој пат не е лесен, но е единствениот можен, тоа е таа значајна спона  помеѓу она што претходело и она што допрва ќе доаѓа…

 

И, како што остатокот од историјата на Универзитетот ќе ја испишуваат генерациите кои доаѓаат и таа спона, тој континуитет ќе испишува сигурна иднина.

 

И со искрена надеж дека ќе бидеме дораснати на таквата одговорност.